Powered by JoomlaGadgets

Written by Administrator

Идејниот архитектонски проект за нов административен објект на Општина Карпош е разработен преку две проблемски нивоа.  

На урбано ниво, новата општинска зграда е удобно интерполирана во рамките на постојното односно проектираното соседство, во намерата градежниот отисок на објектот да обезбеди непречена пешачка комуникација по трговската оска север-југ. Преку пасажот кој е пробиен на јужната граница на градежната парцела, преку пешачки коридор се поврзуваат внатрешната зона на трговскиот центар “Лептокарија” на источната страна, со објектите во кои се сместени подрачните единици на Македонска Пошта, Македонски Телекомуникации, како и супермаркетот “Тинекс” на западната страна. Дополнително, преку повлекување на западната граница на приземјето на објектот кон исток, просторот пред главниот влез во општинската зграда е трансформиран во собиралиште од јавен карактер каде изградениот пејзаж се збогатува со ново просторно искуство - трем. Преку ваквото, етапно преминување од јавниот простор на улицата кон јавниот простор во рамките на самиот објект, на одреден начин се омекнува институционалното пристпување кон општинската зграда. Дополнително, преку матерјалноста на подот која на ниво на приземје е идентична, како надвор така и во влезниот хол, фоајето се претвора во своевидно продолжение на јавниот простор.   

На обликовно ниво, новата административна зграда е конфигурирана како просторен систем во кој архитектурата ги интерпретира природните, културните, урбаните и политичките особености на Општина Карпош. Архитектонскиот пристап се ослонува на неколку наративи кои воедно се и главни карактеристики на општината: демократија + урбаност + пејзаж. 

Јасната типологија, функционална организација на програмските содржини, структуралната логиката и материјализацијата, недвосмислено упатуваат на седиште на современа општина во која се негува демократија која е базирана на граѓанска доверба. Аналогно, почнувајќи од својот волумен, објектот е пример за коректно архитектонско однесување во просторот.  Images>>