Powered by JoomlaGadgets

Written by Administrator

Изложба OUTBOX2010 

Студиото за современа архитектура Скопје – SCArS и архитектонското биро АРХИТЕКТРИ организираат изложба на архитектонски проекти и модели OUTBOX2010. Поставката ќе биде отворена во сабота на 02 април 2011 во централната сала на Музејот на град Скопје во 20 часот.

OUTBOX  

претставува меѓупростор во кој е содржана одредена порака односно информација која никаде не е испратена.

ИЗЛОЖБА

Минатата 2010 година, со седум од вкупно деветте труда со кои во оваа прилика ви се претставуваме, учествувавме на јавните архитектонски конкурси за избор на најдобро решение. Ниту еден од тие натпревари на идеи не заврши со јавно презентирање на пристигнатите трудови. Комуникацијата помеѓу нарачателите, архитектите и јавноста главно се сведуваше на скромни објави во дневните весници. Со ваквите тенденции, архитектонските идеи и замисли не само што остануваат непознати и за професионалната и за пошироката јавност, туку тие добиваат карактер на некакви строго доверливи тајни.

OUTBOX се однесува токму на таа состојба. На моментот кога информациите се произведени, но никаде и никому не се упатуваат. На мигот кога идеите не се повеќе јавни, говорливи; не инспирираат и не делуваат.

Спротивно на овие пракси, наш професионален императив е постојано да обезбедуваме увид во сопствената работа со што на јавноста би и претставиле што работиме во моментот и какви се нашите размислувања по одредени прашања. Во таа смисла, оваа изложба пред себе има едноставна цел - преку јавно соопштување на сопствените идеи и замисли, го вложуваме својот труд во прилог на дијалогот кој треба да се отвори а во кој задолжително треба да расправаме за местото на архитектурата односно архитектонската професија во рамките на нашето општество.

ПРОЕКТИ И МОДЕЛИ

Идеите за просторот не треба да бидат вреднувани се додека добро не се разработат. За нас, темелно развиените и соодветно илустрирани цртежи поддржани со физички модели претставуваат неизбежни алатки преку кои ја проверуваме легитимноста на нашите архитектонски замисли.

Во оваа прилика ќе претставиме девет проекти кои се работени во 2010 година а кои според програмската задача, обемот и секако според нашиот пристап кон проблемот се многу различни. Во прилозите кои следуваат, ќе бидат презентирани: првонаградениот конкурсен проект за новата административна зграда на општината Карпош; две нови катни гаражи за централното градско подрачје на Скопје; две спортски сали за населбата Аеродром; станбен комплекс за припадниците на АРМ; проект за нов пешачки мост преку реката Вардар во Скопје, како и мала едносемејна куќа во Битола и сценографија за претставата Баронот Минхаузен за театарот во Струмица, кои се и последните детали од оваа наша приказна.

ОЧЕКУВАМЕ

Во сабота, и во деновите кои следат, да го слушнеме вашето мислење за трудот кој ви го презентираме. Од тој разговор имаме намера да научиме што е можно повеќе, а потоа, едноставно, продолжуваме понатаму.

Повелете на OUTBOX 2010!

Искрено,

SCArS + АРХИТЕКТРИ