Powered by JoomlaGadgets

Written by Administrator

 


OUTBOX
претставува меѓупростор во кој е содржана одредена порака, односно информација, која никаде не е испратена.

ИЗЛОЖБА

Минатата 2010 година, со седум од вкупно деветте труда со кои во оваа пригода ви се претставуваме, учествувавме на јавните архитектонски конкурси за избор на најдобро решение. Ниту еден од тие натпревари на идеи не заврши со јавно презентирање на пристигнатите трудови. Комуникацијата меѓу нарачателите, архитектите и јавноста главно се сведуваше на скромни објави во дневните весници. Со ваквите тенденции, архитектонските идеи и замисли не само што остануваат непознати и за професионалната и за пошироката јавност туку тие добиваат карактер на некакви строго доверливи тајни.
OUTBOX се однесува токму на таа состојба. На моментот кога информациите се произведени, но никаде и никому не му се упатени. На мигот кога идеите не се повеќе јавни, говорливи; не инспирираат и не дејствуваат. Спротивно на овие практики, наш професионален императив е постојано да обезбедуваме увид во сопствената работа, со што на јавноста би ѝ претставиле што работиме во моментот и какви се нашите размислувања по одредени прашања. Во таа смисла, оваа изложба пред себе има едноставна цел – преку јавно соопштување на сопствените идеи и замисли, го вложуваме својот труд во прилог на дијалогот кој треба да се отвори, а во кој задолжително треба да расправаме за местото на архитектурата, односно за архитектонската професија во рамките на нашето општество.

ПРОЕКТИ И МОДЕЛИ

Идеите за просторот не треба да бидат вреднувани сè додека добро не се разработат. За нас, темелно развиените и соодветно илустрирани цртежи поддржани со физички модели претставуваат неизбежни алатки преку кои ја проверуваме легитимноста на нашите архитектонски замисли. Во оваа пригода ви претставуваме девет проекти кои се работени во 2010 година, а кои според програмската задача, обемот и, секако, според нашиот пристап кон проблемот, се многу различни. Во прилозите кои следуваат, ќе бидат презентирани: првонаградениот конкурсен проект за новата административна зграда на Општината Карпош; две нови катни гаражи за централното градско подрачје на Скопје; две спортски сали за населбата Аеродром; станбен комплекс за припадниците на АРМ; проект за нов пешачки мост преку реката Вардар во Скопје, како и мала едносемејна куќа во Битола и сценографија за претставата Вистинскиот Барон Минхаузен за театарот во Струмица, кои се и последните детали од оваа наша приказна.

 

ПОСТАВКА

Во централната изложбена сала на Музејот на Град Скопје, OUTBOX 2010 е обид да се портретира односот кон архитектурата во нашето општество. Имено, барем што се однесува до правната форма преку која се бара стручното мислење на архитектите, конкурсите односно „јавните набавки“ за избор на најдобро решение, најсоодветно е да бидат претставени во амбиентот на магацините и стовариштата каде што архитектурата ќе стои на палети и покрај амбалажни кутии полни со производи за широка потрошувачка. Од друга страна, ваквиот контекст ја отвора можноста архитектурата да биде набљудувана во форма на пазарен производ, кој како и другите кои се обидуваат да опстанат на пазарот, неопходно е да биде изложена на многу строги критериуми за квалитет. На едно друго ниво на толкување, шансата да согледаме одредена физичка конфигурација во која меѓу мноштвото безличнни волумени се концентрираме на вешто изработените модели, упатува на едно од својствата на архитектонските интервенции кои всушност може да претставуваат генератори на обновата, односно на модернизацијата на градовите во кои живееме. Конечно, подната обвивка покрај поставката која е формирана со напластување на разградени остатоци од дневни весници, упатува на минливоста на дебатите за архитектурата кои се водат исклучиво преку јавните гласила. Во тој контекст, веруваме дека архитектурата е пред се искуство на физичкото и матерјалното и вистинските проверки на идеите треба да бидат реализирани првенствено во тој домен.

 

ПУБЛИКАЦИЈА

Оваа скромна книшка е производ на колективен напор. Во неа, покрај селектираните графички извадоци од изложените проекти, објавени се и два пишани осврти. Свесни за можната субјективност на која потсвесно би ѝ се препуштиле кога тоа самите би го направиле, за својата работа побаравме мислење од двајца реномирани странски архитекти кои се на чело на две влијателни архитектонски институции. Архитект Дитмар Штајнер (Dietmar Steiner) е архитектонски критичар и е директор на престижниот Архитектонски центар во Виена, додека архитект Андрија Русан (Andrija Rusan) е издавач и директор на влијателниот магазин „ОРИС“ од Хрватска. За нивните умни зборови и важни критики за нашата работа, искрено и пријателски им благодариме. Осмислувањето, а особено производството на оваа публикација, беше направено со големо уживање, во процес во кој сите вклучени покажаа исклучителна флексибилност, толеранција и големо трпение. Без оглед на фактот што во континуитет водевме битка со времето и особено со малиот буџет, на крајот успеавме да спакуваме еден „проект“ кој се надеваме ќе ги оствари вашите очекувања. Последната страница од оваа публикација, всушност е импровизирана поштенска картичка, однапред адресирана до Конзулатот на државата Јапонија во нашата земја. Оној кој сака, на оваа картичка може да напише порака која ќе му биде упатена на пријателскиот јапонски народ, кој во времето на нашата изложба ги преживува последиците од разорниот земјотрес кој го погоди североисточниот дел на државата. Скопје, градот во кој ние живееме и работиме, пред речиси половина век доживеа слична катастрофа по која народот на Јапонија имаше важна улога во обновата на градот.

 

ЗАЕДНО

со SCArS и АРХИТЕКТРИ, на дел од овие проекти работеа и група посветени и талентирани, поранешни и сегашни студенти од Архитектонскиот факултет во Скопје со кои, едни покрај други, интензивно соработувавме и учевме едни од други. За својот силен личен влог, без кој овие проекти и оваа изложба не ќе беа вакви, искрено им благодариме.

 

ПОДДРШКА

при реализацијата на оваа изложба добивме од Музејот на Град Скопје, А.Д. Комуна, Платформа, Гарден центар Фоја, Fineline - Перо Георгиев, Тони Васиќ, Илија Мошев, Тина Николовска, build.mk, како и од сите други кои само со дело, збор или добра мисла застанаа зад нас. Благодариме.

 

ОЧЕКУВАМЕ

денес, и во деновите кои следуваат, да го слушнеме вашето мислење за трудот кој ви го презентираме. Од тој разговор имаме намера да научиме што е можно повеќе, а потоа, едноставно, продолжуваме понатаму.

 

Добре дојдовте на OUTBOX 2010!

Искрено,
SCArS + АРХИТЕКТРИ

Скопје, 2.4.2011 г.