Powered by JoomlaGadgets

Напишано од Administrator

ПРОЕКТНА ЗАДАЧА:

Да се проектира нов административен објект за Општина Карпош.

ОДГОВОР:

Објектот е обид да се препознаат и интерпретираат урбаните, природните и културните карактеристики на општината како и да се воспостави врска со околното ткиво каде сеуште доминира модернистичката урбана типологија.

Новата општинска зграда е удобно интерполирана во рамки на постојното односно проектираното соседство, на начин на кој градежниот отисок на објектот обезбедува непречена пешачка комуникација по трговската оска север-југ. Освен новиот пешачки пасаж, пробиен на јужната граница на градежната парцела, преку повлекување на западната граница на приземјето кон исток формиран е нов јавен простор пред главниот влез, преку кој изградениот пејзаж се збогатува со ново просторно искуство – трем. Преку ваквото, етапно преминување од јавниот простор на улицата кон јавниот простор во самиот објект, на одреден начин се омекнува институционалното пристапување кон општинската зграда. Дополнително, преку материјалноста на подот која на ниво на приземје е идентична, како надвор така и во влезниот хол, фоајето се претвора во своевидно продолжение на јавниот простор.

Во однос на архитектонската типологија, во време кога локалната архитектонска продукција најчесто е далеку од рационалноста, организацијата на објектот се повикува на локалното модернистичко наследство. Објектот има јасна функционална распределба на програмските содржини која потекнува од познатата типологија каде содржините се дистрибуирани околу внатрешен двор. Правилниот волумен на внатрешната празнина дополнително е дефиниран и преку органска структура од дрво која во својата геометрија е ехо на мозаиците од локалитетот Скупи – денес во рамки на Општината Карпош.

Галерија