Powered by JoomlaGadgets

Напишано од Administrator

ПРОЕКТНА ЗАДАЧА:

Да се проектираат типски идејни архитектонски решенија за згради за колективно домување на припадниците на АРМ, како и предлог-синтезен план за архитектонско урбанистичко решение за една локација во Скопје.

ОДГОВОР:

Конкурсната задача претставува можност да се предложат модели за иден урбан и архитектонски развој на градот, соодветни на локалниот просторен, економски и социо-културен контекст. Генерално, македонскиот град денес е сè помалку компактен и сè пофрагментиран. Во таа смисла, секој сугестија за урбан развој која не ја унапредува оваа, во суштина историски седиментирана состојба, претставува само празен обид за наметнување на некакво посакувано, но тешко остварливо сценарио. Во тој контекст, при (ре)изградбата на македонскиот град, неопходно е да се предлагаат стратегии за обнова кои, пред сè, ќе нудат поврзување и интеграција на фрагментите од кои е конструиран локалниот урбан пејзаж. Зададениот проблем овозможи истражување и откривање на градскиот пејзаж кој претставува исклучителен потенцијал за идниот развој на градот. Новото соседство е планирано во неодамна демилитаризираната зона на градот, на граница меѓу урбаната и руралната територија. Зоната на опфатот се наоѓа во непосредна близина на важен споменик на културата (акведукт), кој во моментот е тешко достапен и поради тоа е надвор од мапата на посетени места во градот. Предлог-проектот во својата концептуализација едновремено следи пејзажна и урбана тенденција. Основна намера е да се надмине неактивноста на поширокиот простор, преку градење на пејзаж кој создава минување, зајакнувајќи ги социо-културните врски меѓу различните општествени и социјални групи кои во моментот, но и во иднина, ќе гравитираат кон овој простор.

Урбанистичката линија на проектот следи две насоки на интервенција:
1. интерполирање на нов урбан ентитет, станбена населба, како нов, поврзан и интегриран фрагмент во системот на градот
2. на ниво на соседство, проектот предлага структура која ќе го артикулира природното и приспособеното.
Првичниот гест во урбаната замисла е нагласување на инфраструктурата наменета за пешакот, инфраструктура на јавни и отворени простори кои на населбата би ѝ обезбедиле поврзаност со други урбани елементи, на запад со акведуктот како нов потенцијален културен простор, а на југоисток со ул. „Џон Кенеди“ каде што доминираат угостителско-трговски содржини. Новововедената пешачка променада е формирана со помош на типолошки проверена предлошка – линеарен след на станбени кули како фактор на кохерентност, густина и мерило. Вкупната урбана интервенција е минимална со цел да се постигне просторна рамнотежа меѓу отворениот и (ново)изградениот простор, имајќи ја секогаш предвид важноста на празнината. Проектот предлага четири урбани прототипи дистрибуирани во рамките на градежните парцели соодветно на нивната големина, ориентација, топографија и визури. Типолошки, тие произлегуваат од истражувањето на околните формални и неформални соседства, каде што доминираат различни типологии, различни степени на густина на изграденото, различни височини и различна ориентација во просторот. Четирите модели на соседства се составени од станбени згради од три можни типа.