Powered by JoomlaGadgets

Напишано од Administrator

ПРОЕКТНА ЗАДАЧА:

Да се проектира објект за нова катна гаража по периметарот на Градскиот ѕид во Скопје.

ОДГОВОР:

Архитектонскиот проект за катна гаража на Булевар „Мито Хаџивасилев Јасмин“ се обидува да одговори на две поставени прашања. Прво, во зададениот волумен да се обезбеди паркинг простор за максимален број на возила. Второ, со оглед на квалитетите и спецификите на позицијата на објектот во урбаното опкружје, да се осмисли материјално рационална, но естетски впечатлива појавност.

Планот на објектот е развиен околу конструктивно и комуникациско јадро. Вертикалниот проток на возилата низ објектот се остварува преку систем на едносмерни улици и едносмерни рампи лоцирани во централниот дел на планот, околу јадрото. Обвивката на објектот, во чие обликување се употребени префабрикувани, сериски произведени стаклени цилиндри, има способност да се претвори во интерактивен информативен панел кој во екстремно сценарио би се однесувал како површина за комерцијално огласување, видлива од неколку фреквентни булевари. Како дополна на отворениот јавен простор во непосредна близина, светлечката површина може да се употреби и како големо кино на отворено. Иако контрадикторен по својата природа, овој концепт тежнее да ги обедини комерцијалните и културните струења над градскиот центар на Скопје.

Подните и плафонските површини во објектот се употребени како површини за осликување врз кои се исцртани проекции од автомобили, гест преку кој е направен обид, површините кои вообичаено ги одликува чиста утилитарност, да бидат збогатени со ново уметничко искуство, во случајов инспирирано од т.н. „улична уметност“ (street art).

Галерија